Ќе имаме година на економски бум доколку во првиот квартал се надмине енергетската криза

Тековнава 2022 година ќе биде рекордна година во делот на капитални инвестиции и ќе имаме економски бум доколку во првиот квартал се надмине енергетската и економската криза, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Предлогот на министерот за финансии Фатмир Бесими е 14,5 отсто од Буџетот да се искористат за капитални инвестиции и затоа најверојатно ќе биде година на економски бум ако во првиот квартал се надмине енергетската и економската криза“, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на општина Сарај.

Заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, пак , истакна дека како Влада и Министерство за транспорт и врски се задоволни од инвестициите што се реализирани во 2021 година, имајќи ги во предвид сериозните предизвици со кои се соочивме како што е пандемијата која влијаеше и на капиталните инвестиции.