CertiAdria – Наше, а светско! Како се станува регионален центар за сертифицирани IT обуки 

366

Дигитализацијата овозможи коренити промени во начинот на работењето. Се зголеми индивидуалната продуктивност, се создаде нов квалитет на сработеното. Да знаеш да работиш во Word, Excel, Outlook и PowerPoint, денес е нешто без кое не може да се аплицира за скоро било кое работно место.

Токму во полето на дигитализацијата и едукацијата, тимот на Certiadria ја согледа својата бизнис идеја – компанија која е  посветена на обезбедување образовни и сертификациски услуги во нашата држава, но и пошироко во Јадранскиот регион. Тие се дел од Certiport глобалната мрежа за акредитирани компании кои вршат обуки и издаваат сертификати  за познатите програми и брендови како оние на Adobe, Autodesk, Microsoft и многу други.

На што се должи успехот на CertiAdria?

„Нашите почетоци датираат од 2011 година кога го потпишавме партнерството со Certiport и Pearson VUE Business и можеме да кажеме дека сме целосно задоволни од постигнатото“- истакнува Марко Серафимовски, оперативниот директор на CertiAdria.

„Сепак нашата визија за раст и развој, требаше да биде поткрепена и со финансиска поддршка и консултантски услуги за напредок и успешно менаџирање на деловните процеси. Како мала, но динамична компанија ни одговараше соработката со Микро Инвестицискиот Фонд (МИФ) со кој управува друштвото SPMG Capital. Со инвестицијата на МИФ во 2014 година, го зголемивме присуството на пазарите и надвор од Јадранскиот регион. Веќе во 2016 година станавме авторизиран партнер за едукација (AЕП) на Microsoft и обезбедивме официјални  едукативни материјали и решенија од Microsoft за академските институции ширум Јадранскиот регион. Наредната 2017 година потпишавме договор за соработка со ISQI (International Software Quality Institute) и право да ги нудиме нивните официјални испити во 12 земји – Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Унгарија, Малта и Романија. Истата година, остваривме и соработка со ИАПП (International Association of Privacy Professionals) и станавме Официјален Тренинг Партнер за GDPR обуки во целиот свет.“

Она по што CertiAdria е посебна е понудата на сертифицирани обуки кои се признати на глобално ниво и со кои им овозможувате на компаниите и образовните институции да создадат врвни кадри и професионалци во дигиталниот свет. Како ја гледате иднината на CertiAdria?

„Една од нашите цели е градење на силни врски со академскиот и индустрискиот свет, при што вработените и студентите/учениците стекнуваат компјутерски и интернет вештини кои ќе бидат потврдени и ќе бидат основа за да продолжат со понапредни обуки и сертификации. Имаме воспоставено соработка со 70  универзитети и средни училишта, 30 компании за обуки и 4 иновативни центри. И во иднина ќе продолжиме да обезбедуваме програми за врвна едукација во областа на IT технологиите  и нивно интегрирање со потребите за развој на регионот.“

Образованието, покрај тоа што е благородна дејност, може да заклучиме дека и кај нас може да биде профитабилна и одржлива бизнис идеја, поткрепена секако со труд, знаење и поддршка од деловните и финансиските партнери и соработници. Дигитализацијата има неограничен простор за развој и имплементација на секое поле, а со тоа и можности знаењето и идеите во оваа сфера да ги претворите во капитал.