Австралија е подготвена да испорача течен природен гас за европските земји доколку останaт без руско гориво, изјави денеска федералниот министер за природни и водни ресурси Кит Пит.
Според него, Австралија „е подготвена да обезбеди помош како одговор на секое барање за набавка на течен природен гас“, што доаѓа од европските земји во „недостигот на гас од Русија“.
„Австралиските извозници на течен гас се водечки светски компании и сигурни добавувачи кои имаат способност да снабдуваат енергија ширум светот“, рече тој во интервју за австралискиот весник. Министерот истакна дека неговата земја може да одговори на растечката глобална побарувачка и да биде сигурен снабдувач на течен природен гас.
Изјавата на Кит Пит дојде по најавата дека САД разговараат со своите сојузници и партнери за можноста за испорака на дополнителни количини гас за Европа во случај на влошување на ситуацијата во Украина. Изданието забележува дека претставници на австралиските компании за производство и преработка на гас, како и голем број министри од федералната влада на земјата, исто така учествувале во преговорите во потрага по алтернативни снабдувања со гас за европските потрошувачи.