Компаниите од еврозоната станаа очајни во потрагата по работници, особено во многу бараните професии како што се ИТ.
Затоа воведоа парични бонуси за одредени фази од процесот на селекција.
Фајненшл Тајмс го наведува примерот на „Deutsche Familienversicherung“, брзорастечка осигурителна компанија, чиј основач Стефан Кнол смислил досега незамислив начин за привлекување потенцијални вработени.
Тој им нуди 500 евра на кандидатите чии биографии ги издвојува доколку дојдат на првото интервју за работа. Преминот во вториот круг интервјуа носи уште 1.000 евра, а успешното завршување на шестмесечниот пробен период компанијата Кнол го наградува со дури 5.000 евра, пишува Пословни дневник.
“Посебно е тешко да се најде некој со ИТ вештини. Се натпреваруваме со гиганти од целиот свет. Сепак, не сме заинтересирани за вработени, на пример, од Индија, туку сакаме луѓе од овде, Франкфурт“, вели Кнол.
Неговиот необичен пристап кон вработувањето покажува колку недостигот на работна сила се проширил во Германија, но и во остатокот од Европа.
Недостигот од работници е особено видлив во дејностите на ИТ и здравството. Недостиг на работници има и во градежната индустрија поради проширувањето на градежната дејност. И на угостителите им е тешко да најдат работници, пред се поради неизвесната насока на пандемијата, што ги прави тие работни места особено несигурни поради можните нови епидемиолошки мерки.
Но, недостигот на работна сила е забележлив и во другите сектори. Истражувањето на 9.000 германски компании спроведено од страна на развојната банка KfW и економскиот институт Ifo во октомври покажа дека 43 отсто од нив имаат проблеми со недостиг на квалификувана работна сила. Ова е најголем удел од обединувањето на Германија во 1990 година.
Во Франција 54 отсто од услужните компании имаат проблеми со вработувањето, најмногу од 2000 година. Сепак, земјите од еврозоната сега имаат можност да ја намалат невработеноста, која е еден од најголемите економски проблеми во областа од претходната криза во 2008 година.
Француските работодавци сè повеќе нудат договори на неопределено време, оддалечувајќи се од несигурната работа, вели Филип Мартин, претседател на Независниот совет за економски анализи, кој ја советува тамошната влада.
Шпанија, исто така, има намера да ги намали привремените договори, по договорот меѓу работодавачите и синдикатите што допрва треба да биде потврден во парламентот. Сепак, тамошните економисти сметаат дека овие реформи не се доволно амбициозни за да се решат структурните проблеми на шпанскиот пазар на труд.