Продажбата на автомобили Tesla порасна за 71 отсто минатата година

Продажбата на возилата на Tesla ќе се зголеми за повеќе од 50 отсто во 2022 година во споредба со минатата година, и покрај проблемите во синџирот на снабдување, изјави извршниот директор на компанијата Илон Маск.

Американскиот производител на електрични автомобили објави рекорден профит од 5,5 милијарди долари минатата година.

Продажбата се зголеми за 71 отсто на 53,8 милијарди долари во 2021 година, а на клиентите им беа испорачани повеќе од 936.000 возила, јавува Би-Би-Си. Компанијата предупреди дека растот ќе забави, бидејќи проблемите со синџирот на снабдување кои влијаат на производството на автомобили продолжуваат да го ограничуваат нејзиниот производствен капацитет.

Маск рече дека 2021 година е „пробна година за Тесла и воопшто за електричните возила“. Тој посочи дека компанијата, како и сите други, се борела со предизвици во синџирот на снабдување, но дека и покрај тоа лани го зголемила производството за речиси 90 проценти. Компанијата наведе дека синџирот на снабдување е „главниот ограничувачки фактор“ на растот и дека најверојатно ќе продолжи во 2022 година.