Производството на јаглеводороди на наоѓалиштето што го проби конзорциумот на компаниите Eni-Novatek во црногорско подморје нема да биде можно, бидејќи тоа, според концесионерот, е суво, изјави државниот секретар за енергетика и рударство во Министерството за капитални инвестиции Марко Перуновиќ.
Перуновиќ рече дека концесионерите стигнале до крајот на бунарот и собраните примероци ги испратиле во Милано, но дека извештајот сè уште не е готов.
„Официјален извештај од нив не стигна, но имавме презентација на која нивниот менаџмент дефинитивно ни кажа дека порозноста и пропустливоста се основните карактеристики на наоѓалиштето, дека се многу неповолни и дека не се она што тие и ние ги очекувавме. Сметаат дека тој бунар е таканаречена сува дупка“, изјави Перуновиќ.











