Зделки за недвижнини во метаверзумот за над 500 милиони долари во 2021 година

103

Вредноста на продажбата на недвижен имот во метаверзумот надмина 500 милиони долари минатата година и може да се удвои оваа година, според инвеститорите и тинк-тенковите.

Продажбата на имот на четирите главни платформи за метаверзумот достигна 501 милион долари во 2021 година, според MetaMetric Solutions.

Зделките во јануари изнесуваа 85 милиони долари, според давателот на податоци за метаверзум. Компанијата предвидува дека со оваа стапка продажбата би можела да достигне речиси 1 милијарда долари во 2022 година, пишува CNBC.

Зголемувањето на продажбата неодамна беше поттикнато од најавата на Facebook на крајот на октомври дека ќе се ребрендира во Меtа за да се фокусира на метаверзумот. Вредноста на трансакциите со недвижности во сајбер просторот скокна речиси девет пати – на 133 милиони долари во ноември, според MetaMetric.

Оттогаш, растот на продажбата е забавен, но вкупната вредност на продажбата во јануари 2022 година е повеќе од 10 пати поголема отколку во јануари 2021 година.

Според извештајот на BrandEssence Market Research, пазарот на недвижности во метаверзумот се очекува да расте со годишна стапка од 31% помеѓу 2022 и 2028 година.

„Постојат големи ризици, но и потенцијално високи приноси“, изјави за CNBC Џенин Јорио, извршен директор на компанијата за виртуелни недвижности Republic Realm.

Големата четворка доминира на овој пазар

Republic Realm плати рекордни 4,3 милиони долари за земјиште на најголемата платформа за недвижнини во метаверзумот, Sandbox. Компанијата развива 100 острови, наречени Fantasy Islands, со свои вили и поврзан пазар за јахти и водени млазници.

Деведесет од островите беа продадени првиот ден за по 15.000 долари, а потоа некои од нив беа објавени за препродажба по цена од над 100.000 долари.

Повеќе од 12 платформи моментално продаваат недвижен имот во метаверзумот, а нова платформа се појавува речиси секоја недела. Засега имотите се концентрирани во „Големата четворка“ – Sandbox, Decentraland, Cryptovoxels и Somnium. Во четирите платформи има вкупно 268.645 парцели со различна површина.

Sandbox доминира на пазарот со 62% од достапното земјиште на четирите платформи и три четвртини од целата продажба на земјиште во 2022 година, според извештајот на Republic Realm. Секоја од 166.464 парцели на Sandbox продадена во декември за 12.700 долари во етери. Парцелите се со површина од 96 на 96 метри.

Decentraland има 90.600 парцели, со димензии 16 на 16 метри и продадени за 14.440 долари по парче.