Мостот Конингсхавен, кој се наоѓа во Ротердам и има историска вредност, ќе биде демонтиран за да може да помине суперјахтата на сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос.
Јахтата за милијардерот ја изградила холандската компанија „Океанико“, долга е 127 метри и висока 40 метри, поради што не може да помине под мостот.
Мостот Конингсхавен, локално познат како Де Хеф, ќе биде демонтиран во централниот дел, и тоа само привремено додека јахтата не ја помине оваа локација, пренесе „Ројтерс“.
Овој потег предизвика незадоволство кај граѓаните, бидејќи мостот има долга историја и сега е национален споменик, а големо реновирање беше направено меѓу 2014 и 2017 година, кога официјалните лица изјавија дека тој повеќе нема да се демонтира.
За официјалните лица е важно Ротердам да ја задржи својата репутација како „поморски главен град на Европа“, бидејќи бродоградбата и активностите во овој сектор се важен столб на општеството.
Процесот на демонтирање и повторно составување на мостот најверојатно ќе се изврши во текот на летото.
Јахтата позната како Y721 ќе биде најголема од ваков вид во светот и ќе има и помошна јахта и хелиодром.
Јахтата на Безос чини 485 милиони долари.