Во САД запленети 94.000 биткоини украдени во 2016 година

САД заплениле околу 3,6 милијарди долари во биткоин украдени за време на хакирањето на берзата Bitfinex во 2016 година, најголемата финансиска заплена досега, и уапсиле две лица, соопшти американското Министерство за правда.

Полицијата запленила 3,6 милијарди долари од овие средства во акција која според обвинителот Лиса Монако е „најголемата финансиска заплена во историјата на службата“.

34-годишниот Илја Лихтенштајн и неговата сопруга, 31-годишната Хедер Морган, се обвинети за перење пари одземени по големо хакирање на берзата за криптовалути Bitfinex во 2016 година. Брачниот пар се соочува со казна од максимални 25 години затвор.

Запленети биле повеќе од 94.000 биткоини, украдени во 2016 година, кои денес вредат 3,6 милијарди долари.

Според судските документи, хакерот кој навлегол во системите на Bitfinex направил 2.000 трансакции и испратил 119.754 украдени биткоини на дигиталниот паричник кој бил во сопственост на Лихтенштајн. Потоа, во последниве пет години, околу 25.000 од овие биткоини биле префрлени од „паричникот“ на Лихтенштајн преку серија на комплицирани трансакции кои требало да ја скријат трагата дека овие средства биле украдени од берзата.

Сепак истражувачите успеале да го следат движењето на криптовалутите на блокчејнот, што претставува постојан електронски запис на секоја активност кога криптовалутата се префрла од еден во друг дигитален паричник. Овие средства најпосле биле ставани на сметки кои биле во сопственост на Лихтенштајн и Морган, кои потоа ги користеле за купување на злато, уникатни токени и купони од Валмарт супермаркетите.

Откако сајбер-нападите во кои се бараат криптовалути се во пораст, безбедносните служби се поагресивни во следењето и заплената на криптовалути кои често ги користат криминалците-хакери.