Еколошка летачка јахта ќе стане реалност во 2023 година

104

Францускиот визионер Ален Тебо ја осмисли првата летачка јахта на водороден погон, а која треба да стане реалност во 2023 година.

Зад проектот стои швајцарскиот стартап Jet ZeroEmission кој се здружи со партнерите Zenith Marine и DWYN на развој на нов пловечки објект без емисија на гасови.

Летачката јахта ќе биде претставена следната година во Дубаи, а нејзиниот прв лет се очекува во текот на COP28 климатската конференција во ноември, 2023 година во ОАЕ.

Неконвенционалната јахта ќе има футуристички изглед, со електрични мотори напојувани од водородни горивни ќелии. Овие ќелии ќе генерираат електрична енергија со мешање на водород и кислород.

Јахтата ќе биде долга 10 метри и ќе има место доволно за 13 лица, вклучително и капетанот. Тоа по што е посебна од останатите суперјахти на пазарот е што ќе може да лета/лебди над површината на водата.

Јахтата ќе се одржува над водата благодарение на хидроглисери, кои имаат функција слична на крилата на авионите. Можат да ја подигнат јахтата до 0,9 метри над водата. Ќе биде опремена со автоматски софтвер што овозможува лесна контрола на брзината и висината на движење.

Ќе може да достигне брзина од 74 км/час, пишува Interesting Engineering.