Престижниот магазин Форбс ја објави листата на најплатени личноти во забавната индустрија за 2021 година, на која првото место го зазема режисерот Питер Џексон, а второто музичарот Брус Спрингстин.
Брус Спрингстин минатата година ги продаде авторските права и правата за издавање на целата негова снимена музика и текстови, вклучително и 11 мултиплатинумски албуми и пет златни синглови, за речиси 500 милиони долари, според изворите.
Купувачот беше Sony Music, матичната компанија на неговата долгогодишна издавачка куќа Columbia Records. Овој потфат го стави Брус на второто место на листата на Форбс за најплатени забавувачи во 2021 година, веднаш зад режисерот на „Господарот на прстените“, Питер Џексон.
Џексон заработи 600 милиони долари откако исто така минатата година продаде дел од неговата компанија која се занимава со визуелни ефекти за 1,6 милијарди долари.
Други изведувачи кои заработија во текот на изминатата година се Боб Дилан, Пол Сајмон и Нил Јанг, кои заедно собраа околу 500 милиони долари.
Во првите пет се најдоа и Џеј Зи, Двејн Џонсон и Канје Вест со стотици милиони долари, од кои повеќето не се заработени со рап, продукција или глума, туку со продажба на шампањ, текила и патики.
Дури и пејачката Тејлор Свифт, која се најде на 25-тото место со 52 милиони долари, најголемиот дел од парите ги заработи со повторното снимање на албумот што првпат го издаде пред 10 години.











