Руските банки ги направија првите трансакции во дигитални рубљи

Руските банки, заедно со Централната банка на земјата, започнаа со тестирање на платформата за дигитална рубља, која беше поставена кон крајот на минатата година. Учесниците на финансискиот пазар веќе ги вршат првите трансфери во дигитални рубљи меѓу граѓаните, соопшти руската централна банка, цитирана од руските медиуми. Тест фазата вклучува 12 руски комерцијални банки.

Се претпоставува дека издавањето на дигитални рубљи, отворањето на дигитални паричници и трансферите ќе бидат првата фаза од процесот на имплементација.

Следната фаза ќе вклучува тестирање на можноста за плаќања за стоки и услуги, како и интеракција со Федералното Министерство за финансии. Исто така, се планира да се воведе опција за офлајн плаќање, како и трансакции со неруски корисници, соопшти централната банка на земјата.

Во овој поглед, заменик-министерот за финансии Алексеј Мојсеев рече дека само банките и берзите ќе имаат право легално да влезат на пазарот на криптовалути во Русија.

Концептот на регулаторната рамка за криптовалутите, развиен од Кабинетот на министри, „обезбедува следливост на готовинските текови и крипто-трансакциите, како и идентификација на корисникот“, објасни Моисеев.

Банките и берзите „ќе мора да ги почитуваат сите барања на Законодавството за спречување на перење пари“, додека оние кои не сакаат да ги користат законските можности „ќе подлежат на соодветни мерки за одговорност“, објасни тој.