Бизнисмени од Турција се заинтересирани за откуп на кочански ориз, сметајќи дека сортите се квалитетни и дека одговараат на барањата на турскиот пазар.
“Кочанското поднебје и околината нудат квалитетен ориз за кој сме заинтересирани да го откупиме. Мојата фабрика годишно преработува 25.000 тони арпа. Доколку се биде според договорот, наесен одредени количини ориз ќе откупам од овој регион”, вели Јусеин Ајбаш, сопственик на фабрика за преработка на ориз во градот Едрене.
Tурција и понатаму го помага оризопроизводството во Македонија. Имено, тим од турски експерти пред неколку месеци постави опит во Кочанско за одгледување четири нови сорти како дел од соработката меѓу турската ТИКА и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Покрај тоа земјоделци од Штипско, Кочанско и Виничко добија по 200 килограми семенски материјал, а сеидбата, вегетацијата и заштитата ја следеше Земјоделскиот институт.
При вчерашната посета на опитот, експертите оценија дека сортите одлично напредуваат и за неполн месец ги очекуваат и првите приноси.
“Посетата е од особено значење за нас. Ја продолжуваме почнатата соработка во делот на пробното производство во кочанскиот крај, изјави Влатко Минов” раководител на Подрачната единица на Министерството.