Стапката на инфлација на годишно ниво во еврозоната се зголеми на 5,1 отсто во јануари 2022 година, од декемвриското ниво од 5,0 отсто, објави денеска Европското биро за статистика, Евростат.
Стапката на инфлација во 19-члениот монетарен блок во јануари минатата година изнесуваше 0,9 отсто на годишно ниво, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Евростат.
Растот на потрошувачките цени во Европската унија минатиот месец изнесуваше 5,6 отсто на годишно ниво, наспроти 5,3 отсто во декември, додека истиот месец во 2021 година таа стапка беше 1,2 отсто.
Најниска годишна стапка на инфлација е забележана во Франција (3,3), Португалија (3,4) и Шведска (3,9), а највисока во Литванија (12,3), Естонија (11) и Чешка (8,8).
Во споредба со декември, годишната инфлација опадна во осум земји-членки на ЕУ и порасна во деветнаесет.
Рекордна јануарска стапка на инфлација во еврозоната најмногу е резултат на скокот на цените на енергијата од речиси 29 отсто во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Европската статистичка служба.











