ММФ предвидува длабока рецесија во Русија поради санкциите

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повеќе не смета дека е невозможно Русија да престане да ги плаќа долговите, но тоа не би требало да предизвика глобална финансиска криза, пренесуваат агенциите.

„Повеќе не го сметаме за неверојатно прекинувањето на плаќањето од страна на Русија“, рече шефицата на ММФ Кристалина Георгиева во интервју за американската телевизија „CBS“.

Поради санкциите воведени како резултат на инвазијата на Украина, Русија сега е во опасност да влезе во „длабока рецесија“, вели Георгијева, пренесува агенцијата „dpa“.

Девалвацијата на националната валута, рубљата, веќе значително ја намали куповната моќ на руското население, додава таа.

Меѓународните девизни резерви на руската централна банка се главно блокирани како резултат на санкциите, што и отежнува на Русија да го стабилизира курсот на рубљата.

„Русија има пари да го сервисира својот долг, но не може да пристапи до нив“, вели Георгиева. Покрај тоа, сервисирањето на државниот долг во странски валути, како што се американски долари или евра, станува сè покомплицирано.

На прашањето дали таквото непочитување може да предизвика финансиска криза низ целиот свет, таа одговори: „Сè уште не“.

Вкупната изложеност на банките во Русија изнесувала околу 120 милијарди долари, сума која иако не е безначајна, „не е системски релевантна“, вели Георгиева, пренесе Ројтерс.

Георгиева минатата недела изјави дека ММФ ќе ја намали претходната прогноза за глобален економски раст од 4,4 отсто во 2022 година како резултат на војната, но рече дека целокупната насока останува позитивна.

Растот останал силен во земји како САД, кои брзо се опоравија од пандемијата на Ковид-19, изјави таа за CBS.

Влијанието ќе биде најтешко во однос на зголемувањето на цените на суровините и инфлацијата, што потенцијално може да доведе до глад и несигурност во снабдувањето со храна во делови од Африка, вели Георгиева.