Министерството за финансии на САД нуди награди до 5 милиони долари за информации за јахти, вили, приватни авиони и други средства на руската елита преку специјална програма насочена кон откривање на имотот на руските олигарси.
Владата на САД бара средства поврзани со корупција во кои е вклучена владата на Руската Федерација, објави Министерството на својата веб-страница.
Според Businessinsider, Конгресот минатата година го одобрил воспоставувањето програма која нуди и награди за информации за средствата поврзани со корупција во други странски влади.
Покрај Русија, Министерството за финансии конкретно ги наведе барањата за средства поврзани со поткуп обезбедени од бразилските петрохемиски компании Odebrecht and Braskem, како и корупцијата во врска со малезискиот државен фонд, познат како 1MDB.
Досега неколку земји запленија јахти, вили и авиони од санкционирани руски олигарси како одговор на руската инвазија на Украина. Земјите како Италија, Франција и Шпанија ги задржаа имотите на руските милијардери во последниве недели, а американскиот претседател Џозеф Бајден најави претходно овој месец дека Америка ќе го следи нивниот пример.











