Ќе ја спаси ли оваа жена Русија по втор пат?

Гувернерката на руската централна банка Елвира Набиулина, која ја спаси руската економија од сериозни последици по анексијата на Крим во 2014 година, ќе добие уште една можност да покаже што знае и умее, но во многу потешка задача – заштита од санкции кои се закануваат со економски колапс.

Како што пренесува  Ројтерс, долниот дом на рускиот парламент, добил предлог од Кремљ гувернерката Елвира Набиулина да добие уште еден мандат да раководи со Банката на Русија. Инаку, централната банка е една од институциите на кои руските граѓани најмногу и веруваат.

Од советник на Путин до гувернер

Таа е поранешен економски советник на претседателот Владимир Путин. На изненадување на многумина, тој во 2013 година ја назначи за шеф на Банката на Русија, како прва жена на чело на таа институција. Нејзиниот мандат истекува во јуни, а процедурата бара Кремљ до 24 март да утврди дали ќе продолжи со таа работа.

За време на нејзиниот мандат, Набиулина се покажа доследна во водење на кредибилна монетарна политика, и покрај притисоците.

Пофалби од странски колеги

„Потребна ни е помала инфлација за да го поддржиме економскиот раст. Тоа е нашата главна цел“, изјави Набиулина на почетокот на нејзиниот мандат. Кога цените на нафтата – главниот извозен производ на Русија – паднаа во 2014 година, економијата беше на работ на криза.

Ова предизвика одлив на странски капитал, но Набиулина реши да дозволи рубљата да падне во вредноста, и покрај загубите што ги претрпеа руските штедачи и зголемените цени на увозот. Ова и даде можност да ги зачува девизните и златните резерви, кои се зголемија на 640 милијарди долари.

Ја зголеми и каматната стапка за 650 базични поени. Со тоа се спречија пошироки економски последици, поради што Набиулина доби пофалби од странските колеги. Меѓутоа, прашање е дали нејзиниот досегашен пристап може да донесе резултати во услови на економски изолирана држава, сметаат странските економисти, пренесува Poslovni.hr.