Кој е Роман Абрамович: Од сирак до милијардер под санкции

Рускиот милијардер Роман Абрамович деновиве е во центарот на вниманието на светските медиуми откако му беа воведени санкциите на Запад поради рускиот напад врз Украина.
Сè додека не го купи Челзи во 2003 година, тој беше малку познат надвор од Русија. Во книгата „Абрамович, милијардер од никаде“, авторите Доминик Мидгли и Крис Хачинс ја истражуваа неговата животна приказна преку разговор со луѓе кои го познаваат.

Роден е во скромно еврејско семејство во Русија, а останал без двајцата родители пред да наполни 3 години. Неговата мајка Ирина Абрамович починала при обид за абортус пред неговиот прв роденден, додека неговиот татко Аркадиј, кој работел во градежна компанија, починал по несреќа на градилиште.

Го одгледал неговиот вујко во Москва, каде што завршил училиште и служел две години во војска. После тоа, тој започнал бизнис, купувајќи стоки, како што се цигари и фармерки, и ги продавал на познаници во далечниот град Ухта.

После тоа, основал компанија за продажба на пластични кукли – играчки и почнал да заработува од 3.000 до 4.000 рубли месечно. Во овој период се пробуваше во неколку деловни области и тргуваше со разни работи.

Сепак, неговиот вистински подем започнува само со воведувањето на пазарните реформи во Русија, односно приватизацијата на државните компании. Абрамович и другите олигарси стекнаа огромно богатство со купување на државни компании за сомнително малку пари.

Во тоа му помогнале и политичките врски. Меѓу другото, во текот на 1990-тите тој стана пријател со ќерката на претседателот Борис Елцин, Татјана, која беше моќна фигура и имаше влијание врз нејзиниот татко.

Во тој период стана сериозен играч, па медиумите почнаа да пишуваат за него. Сепак, тој беше многу мистериозен, а медиумите немаа ни фотографија од него, па заедно со веста објавија и негов портрет. Еден весник понудил, а подоцна платил награда од еден милион рубљи за неговата фотографија.

Од 2000 до 2008 година, Абрамович беше гувернер на оддалечената руска провинција Чукотка, каде што наводно потрошил милиони долари од сопствените пари за поправка на инфраструктура и изградба на училишта и болници.

Абрамович остана во добри односи со Владимир Путин, кој стана премиер во 1999 година, и кој се занимаваше со голем број олигарси кои се мешаа во политиката.

Абрамович немаше проблеми со Путин, што му овозможи да продава акции во компании што ги поседува и да инвестира во нови проекти. Во 2005 година, тој го продаде својот удел во нафтената компанија Сибнефт на државната Газпром за 7,4 милијарди фунти, кога се најде на 11-то место во светот според богатството.

Неговата блискост со Путин е причина за строгите санкции што му беа воведени.