Како да се инвестира мудро во време на криза?

Кризните времиња, како што е сегашното, предизвикано од рускиот напад врз Украина, неизбежно го наметнуваат прашањето што да се прави со стекнатиот капитал.

Во што да се вложат тешко заработените пари, што да се прави со нив за да не се истопи?

Доколку се обратите до инвестициски советник со оваа дилема, тој најверојатно би ве советувал добро да размислите што всушност очекувате од вашата инвестиција – дали да ја зачувате вредноста на вашиот капитал или да ја зголемите.

Во секој случај, да се збогатите преку ноќ е тешко возможно, предизвикот е колку сте спремни да ризикувате. Затоа, финансиските советници се согласуваат дека нема еден точен одговор на прашањето во што е моментално паметно да се инвестираат парите, туку најважно е да се разгледаат сите можни опции, како и она што тие го носат со себе.

Недвижен имот

Купувањето стан за изнајмување може да биде профитабилна инвестиција на долг рок, но треба да се земат предвид и други аспекти од инвестирањето во недвижен имот. Пред сè, треба да се има предвид дека:

-Ако итно ви требаат пари, прашање е дали ќе можете за кратко време да го продадете имотот и да постигнете фер цена;

-Имајте ги во предвид трошоците за поседување и одржување на имот како што се реновирање, уредување, осигурување, даноци, комунални услуги…

-Неизвесноста дали цената на недвижностите ќе расте или ќе опаѓа на долг рок.

Но, агентите за недвижности посочуваат дека украинската криза може да доведе до повисоки цени на градежните материјали, а следствено и на поскапување на становите, но сметаат дека без разлика на кризата, сепак е многу исплатливо да се инвестира во недвижнини.

Орочени заштеди

Штедењето во банки е исто така многу популарна инвестиција и одговор на прашањето каде да се вложат пари. Бидејќи ризикот од банкрот на банката е релативно мал, па дури има и осигурување на државните депозити во нашата земја до 30.000 евра, може да се каже дека ороченото штедење е сигурен начин за инвестирање.

Акции на берзи

Потенцијално многу профитабилна инвестиција, но и многу ризична. Цените на поединечните акции може да пораснат за неколку стотици проценти за само неколку години, но многу е тешко да се препознае кога и кои акции ќе имаат најголем принос.

Експертите предупредуваат дека и акциите се предмет на циклични движења поврзани со добрите економски времиња и рецесиите, кои периодично доаѓаат на секои 5-10 години. Не треба да се занемари ниту можноста за целосно губење на парите во случај на банкрот на компанијата во чии акции се инвестира инвестицијата.

Инвестициски фондови

Бидејќи акциите се ризична инвестиција и за таква инвестиција потребно е и многу знаење и време за следење на бизнисот на компаниите и состојбата на пазарот, за многу граѓани инвестициските фондови се логичен одговор на прашањето во што да се вложат пари.

Злато

Купувањето златни прачки има и предности – за разлика од недвижностите, кои собираат капитал долги години и тешко се продаваат во итни случаи, глобалниот пазар на злато е многу ликвиден. За разлика од инвестициските фондови и акции, златото е отпорно на рецесии и политички кризи. Во несигурни времиња, цената на златото има тенденција да расте, што на сопствениците на златото им носи капитал во ситуации каде што е најпотребен.

Според берзанските аналитичари, во последните 50 години цената на златото расте во просек за осум отсто годишно, што ја покривала инфлацијата и им носи профит на сопствениците на инвестициското злато.

Инаку, цената на унца злато на светските берзи постојано расте од 2018 година, со највисока вредност од 2.201 долар за унца во април 2020 година, кога ја погоди кризата, проследено со благ пад на вредноста. Нов скок до 2.043 долари за унца злато беше постигнат на 8 март годинава, под притисок на руската инвазија на Украина, која изби две недели претходно.