АД ЕСМ подготвува изградба на четири фотонапонски електрани со вкупна инсталирана моќност од 280 мегавати во РЕК Битола. Како што информираат од компанијата, првата електрана од 20 мегавати ќе биде лоцирана во самиот круг на комбинатот, веднаш до Термоелектраната.
За неа во тек е изработка на концептуален проект од страна на консултантот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а потоа ќе следува изработка на техничка спецификација и тендерска документација за избор на изведувач, велат од ЕСМ.
Втората фотонапонска електрана од 60 мегавати, додаваат, ќе биде изградена на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол.
Во тек е тендерирање за избор на најповолен консултант за изработка на физибилити студија и студија за животна средина, а потоа ќе се имплементира проектот со најсоодветниот модел за финансирање. Средствата за изработка на студиите се од грант, обезбеден од KfW Банка, прецизираат од ЕСМ.
Третата сончева електрана со моќност од 100 мегавати, посочуваат, ќе биде изградена исто така во рудникот Суводол, додека четвртата од 100 мегавати ќе биде лоцирана во рудникот Брод-Гнеотино.
Во тек се подготовки за изградба и на гасна електрана во РЕК Битола, со почетна инсталирана моќност од 250 мегавати, која ќе обезбедува и електрична енергија, но и топлинска енергија за Топловодот за Новаци, Могила и Битола, кој во моментот се гради, најавуваат од ЕСМ.
Сите наведени проекти, како што посочуваат, ја претставуваат енергетската транзиција на РЕК Битола и се инвестиции кои во следната декада треба да го заменат производството на електрична енергија од јаглен, паралелно прекфалификувајќи ги и вработените за работа во нови типови на производни капацитети.