Понеповолна економската состојба во преработувачката индустрија

107

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во март 2022 година е намален за 0.5 процентни поени во однос на февруари 2022 година и изнесува 13.3, а во однос на март 2021 година е намален за 1.2 процентни поени, објави Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во март 2022, во однос на февруари 2022 година, е непроменета, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во март 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец и понеповолна и во однос на март 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во март 2022 година изнесува 65.5 % од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 16.2 %, недоволната странска побарувачка со 19.4 %, неизвесното економско опкружување со 15.3 % и недоволната домашна побарувачка со 13.0 %, објави Државниот завод за статистика.