Заедничките проекти на Министерството за информатичко општество и администрација и на Македонската академска мрежа МАРнет планирано е да овозможат демонополизација на македонскиот пазар на домени, нивно побрзо издавање со одвивање на сите процедури по електронски пат, како и пад на цените на интернетот.
Од 1 октомври покрај МАРнет, на пазарот на домени, услуги ќе нудат и други субјекти, т.н. регистрари. На 2 септември ќе бидат објавени условите кои компании можат да станат регистрари, новиот правилник и техничките упатства и ќе треба да се подготват да се поврзат со системот за еден месец.
“Еден од проектите што ги вети Владата е електронско регистрирање домени и поддомени на мк, со цел да се овозможи од кое било место да може електронски да се достават, да се плати електронски и нивниот домен електронски да биде регистриран во кој било период од денот”, изјави денес министерот Ивановски.
Mинистерот ги повика сите компании кои се заинтересирани да станат регистрари за да можат да нудат услуги за граѓаните за регистрирање домени да се обратат до МИОА и МАРнет од понеделник.
“Ќе имаат период од еден месец технички да ги подготват своите системи за да можат од 1 октомври сите институции, организации и компании од приватниот сектор што ќе искажат интерес да се поврзат со овој систем и да ги препродаваат на некој начин домените во име на МАРнет да може да почнат да функционираат”, појасни Ивановски.
“Во соработка со МИОА веќе е изработен системот и е еден од најсофистицираните во регионот и врз основа на она што е најмодерно во светот, рече Директорот на МАРнет Саша Димитријевски.
МИОА и МАРнет работат и на проектот за воспоставување внатрешен јаз на поврзување – МАТРИКС, со кој, според Димитријовски и Ивановски, треба да овозможи драстично намалување на цените на интернетот.
“Во наредните неколку недели треба да заврши евалуацијата на понудите што се испратени од економските оператори. Со системот во период од 90 дена од фирмата што ќе биде избрана да го спроведе овој проект ќе се воведе внатрешен јаз во РМ за сите интернет комуникации. Со тоа треба да паднат цените на интернет услугите во Македонија”, рече Ивановски.