За само три дена технолошките гиганти загубија 1.000 милијарди долари – Вредноста на Apple и Microsoft се стопи 

121

Најголемите светски технолошки компании загубија повеќе од 1.000 милијарди долари пазарна вредност за само три денови на тргување на американските берзи.

Главните американски берзански индекси Dow Jones, S&P 500 и NASDAQ забележаа пад откако Федералните резерви минатата недела објавија зголемување на основната каматна стапка, но технолошкиот сектор особено беше погоден. Шефот на американската централна банка Џером Пауел изјави дека инфлацијата оди премногу високо и дека каматната стапка ќе биде качена за половина процентен поен. Пазарот прво позитивно реагираше на оваа вест, со сентиментот на инвеститорите дека Пауел им влеал доверба дека Федералните резерви нема со својата политика да ја турнат економијата во рецесија, но оптимизмот исчезна во деновите што следеа.

NASDAQ Composite, индексот на технолошкиот сектор за само три дена, четврток, петок и понеделник, загуби повеќе од 10% од вредноста, а заклучно со вчерашниот трговски ден, понеделник, 9 мај, вредноста на индексот е за речиси 28% помала од неговата историски највисока вредност, од ноември 2021.

Како што пишува CNBC, инвеститорите сега покажуваат помал интерес за компаниите што го движеа растот на пазарот последниве години, особено периодот на пандемијата, и сега вложуваат повеќе пари во она што се чини побезбедна варијанта, како што е прехранбениот сектор, производителите на оружје, итн.

Apple, компанијата со најголема пазарна капитализација на планетава, за само три дена загуби 220 милијарди долари вредност, додека Microsoft околу 189 милијарди долари. Падот на акциите збриша речиси 200 милијарди долари и од вредноста на Tesla, 173 милијарди на Amazon, 123 милијарди на Alphabet, компанијата мајка на Google, а Meta Platforms, под чија капа е Facebook, помина „најдобро“ помеѓу т.н. голема петорка на технолошки компании, со  „само“ 70 милијарди долари загубена вредност.

Производителот на графички картички Nvidia исто така загуби 85 милијарди долари во вредност.