Процесот на дигитална трансформација стана императив за понатамошен развој на секоја земја, рече министерот за економски развој и туризам на Црна Гора, Горан Ѓуровиќ на панелот „Европски кодекс за електронски комуникации, директива за намалување на трошоците за пристап до широкопојасен интернет и развој на 5G“, што се одржа во рамките на ЕУ -Регионалниот дијалог за Западен Балкан, одржан во Брисел.
„Дигиталниот развој во Црна Гора е препознаен како шанса за долгорочен успех и просперитет на целото општество. Затоа, визијата на Црна Гора е да стане земја со најбрз дигитален развој во регионот“, додаде Ѓуровиќ.
Како што соопшти Министерството за економски развој и туризам, Ѓуровиќ рече дека по успешното спроведување на Договорот за регионален роаминг, започна нов процес на намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан. Тој оцени дека ова е тежок процес со заедничка одговорност на сите вклучени чинители, а тоа се владите од Западен Балкан, мобилните оператори, како и меѓународните и регионалните партнери, односно ЕК и Регионалниот совет за соработка (РСС).
„Сите овие активности ќе бидат од корист за граѓаните од регионот. Во оваа насока, сакам да ве информирам дека Владата на Црна Гора е целосно посветена на спроведување на сите мерки од Патоказот за намалување на цените на роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан, бидејќи препознава многу придобивки и го гледа како еден од клучните елементи во пристапниот процес на Црна Гора во ЕУ“, објасни министерот.
Во наредниот период, Владата на Црна Гора ќе работи посветено на исполнување на законските и регулаторните предуслови во рамките на силната меѓуинституционална соработка, со цел успешно да се придвижи напред со Патоказот за намалување на тарифите за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан и да придонесе за уште една успех и регионална соработка. Иднината на целиот регион е во ЕУ, така што Владата на Црна Гора силно ги поддржува заедничките регионални акции кои носат конкретни придобивки за граѓаните и економијата“, заклучи Ѓуровиќ.