„Двајца пријатели со сефови ги освојуваат домашните и странските плажи“ – гласи еден од насловите во хрватските медиуми деновиве.
Крешимир Пуриќ од Загреб и Антонио Дражиќ од Шибеник создадоа уникатен патент кој сами го финансираа, а кој ја подигнува безбедноста на туристите на плажата. Веќе нема страв дека некој ќе им ги украде работите додека се капат, а нема веќе влегување во вода „на смена“.
Целосното опуштање на одмор често се нарушува со влегување во море, бидејќи туристите постојано ги надгледуваат своите работи од водата или ги покриваат чантите и паричниците со крпи. Тој проблем бил во главите на двајца долгогодишни пријатели за време на нивниот заеднички летен одмор во 2015 година, пишува Пословни дневник.
-Кога се договоривме во друштво кој да остане со работи додека другите се капат, се разви приказна како со доаѓањето на поскапите мобилни телефони секое просечно семејство носи на плажа предмети вредни најмалку 1.000 евра (телефони, паричниви, очила за сонце), се присетува Пуриќ.
Пуриќ и Дражиќ се „фрлија“ на работа, а во приказната вклучија и трет член, а тоа е Силвио Суперина од Риека. Им требаа околу две години да ја смислат идејата – и тој производ е сеф што се монтира на чадори.
– Со оглед на тоа што сите имаме наша редовна работа, овој проект го работевме во слободно време – велат тие.
Секој од пријателите има свој дел од работата, а заклучокот е дека сите тројца го добија тоа што го сакаа: квалитетен производ кој покрај функцијата на сеф може да послужи и како рекламен приказ. Уште во 2018 година се претставија на саем.
– Реакциите на луѓето беа извонредни, а првите големи зделки ги договоривме на првиот саем – вели Крешимир Пуриќ, додавајќи дека меѓу првите клиенти била фирмата која стопанисува со Плажата Парадајс на Лопар, каде што биле поставени 700 чадори.
Освен во Лопар, сефови се користат и на плажите во Сплит, Макарска, Врсар, Цриквеница, Крк, а оваа година пријателите го имаа првиот извоз во Италија, а ја привршуваат испораката во Франција. Во исто време, тие постојано го подобруваат овој иновативен производ чиј дизајн го заштитија.