Дури 70% од хрватскиот пазар на мед работи во сива зона

53

Пчеларството и производството на мед можат да се издвојат како една од ретките земјоделски гранки во Хрватска што не се погодени од кризата, а не недостигаат ниту државните субвенции. Според Мартин Крањец, претседател на Хрватскиот пчеларски сојуз, државата оваа дејност годишно ја поддржува со 2,4 милиони евра буџетски пари, од што пчеларите и пчеларските организации годинава потрошиле само 80%.

Но, она што и недостига на Хрватска е поголемо производство и брендирање на ретки видови на мед, како што се мед од мандарини, жалфија, медиковец или шумски мед, како и лековити производи, како матичен млеч и прополис. Во Хрватска не се произведува доволно ниту евтин таканаречен пекарски мед којшто го користат кондиторските компании како сладило за производство на слатки.

Најголем проблем во производството и продажбата на мед во Хрватска е сивата зона на работење. Според Иван Брачиќ, сопственик на PIP, една од најголемите компании за преработка на мед и пчеларски производи, околу 70% од пазарот во земјата и припаѓа на сивата зона. Пчеларите откупуваат мед едни од други, па го продаваат лажирајќи го потеклото, со што ги мамат крајните купувачи, избегнуваат да плаќаат данок, добиваат незаслужени субвенции и создаваат нелојална конкуренција.

Уште еден проблем во оваа гранка е увозот на мед со лош квалитет од Кина и евтин мед од Турција. Како што вели Брачиќ, овие производи дури не се ни мед, туку шеќерен сируп што наликува на мед.

Во споредба со развиените земји, во Хрватска и понатаму малку се троши од овој производ, само по еден килограм на човек.