Поевтино и покрај предупредувањата на ЕК: Колку чини сега црногорскиот „златен пасош“?

217

Владата на Црна Гора го намали минималниот износ на потребните банкарски гаранции во процесот на стекнување на т.н. „eкономско“ државјанство.

Потребната сума е намалена од 2,5 милиони евра, што е 50 отсто од минималната инвестиција, на фиксен милион евра, соопшти Центарот за граѓанско образование (ЦГО).

„Наместо да ја запре оваа контроверзна практика, Владата на Дритан Абазовиќ дополнително ги стимулира контроверзните бизнисмени од целиот свет и на овој начин ја олеснува процедурата за стекнување црногорско државјанство, отворено пркосејќи им на предупредувањата на Европската комисија“, наведуваат од ЦГО, пренесува Банкар.ме.

Од невладината организација додаваат дека Владата ја донела одлуката во четвртокот и потсетува дека ЕК „остро ги критикуваше сите претходни црногорски влади за спроведување на Програмата за економско државјанство, а особено беше експлицитно кога владата на Здравко Кривокапиќ, пред истекот на рокот и без најава, ја продолжи оваа програма“.