Рама: Во Албанија откриено големо наоѓалиште на нафта и гас

199

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека се надева дека наскоро ќе може да излезе во јавноста со повеќе детали за многу важното откритие на гас и нафта во Албанија, што „ќе влијае на иднината на земјата и на енергетската иднина на Европа“.

„Се надеваме дека наскоро ќе можеме да споделиме со нашата јавност, регионално и пошироко, едно многу важно откритие што го направи холандската компанија „Шел“ во нашата земја.

Во моментов не сакаат да зборуваат за бројки. Знаците покажуваат дека можеби сме блиску до многу важно откритие на гас и нафта под земја, што ќе влијае на иднината на нашата земја, но ќе има улога и во енергетската иднина на Европа“, рече Рама, пишува Албаниан дејли њуз.

Рама ова го соопшти во разговор со холандски бизнисмени кои моментално работат во Албанија, како и со потенцијални нови инвеститори заинтересирани да го прошират својот бизнис во оваа земја, пренесе Танјуг.