Во Словенија се воведени мерки поради суша: Забрането миење автомобили, туширање на плажите…

139

Поради долготрајната суша и како последна мерка пред уште построго намалување на водата, општините на словенечкото крајбрежје забранија наводнување на јавните зелени површини, забранија туширање на плажите и презедоа низа други слични мерки за намалување на потрошувачката.

Градоначалниците на четири крајбрежни словенечки општини, од кои најголема е општината Копер, најавија дека моменталната состојба со водните резерви е критична и слична на состојбата што се јавува во години со вообичаено количество врнежи дури на крајот на јули.

Поради оваа причина, до понатамошно известување одлучија да ги затворат сите системи за полевање на зелените јавни површини, исклучени се тушевите на сите плажи, како и фонтаните и чешмите на јавни места. Забрането е полевање на приватни градини и миење автомобили, а автомобили може да перат само оние автоперални кои користат рециклирана вода.

Исто така, на комуналните служби им беше наредено да ја намалат количината на вода за полевање дрвја и јавни површини под цвеќињата, а во јавните тоалети беа поставени предупредувања со повици за заштеда на вода.

Исто така, забрането е миење на дворовите и полнење на базените, а се покануваат хотелите и оние кои се занимаваат со приватно туристичко сместување да ги информираат своите гости за состојбата со водата и да побараат од нив да штедат вода.

Според словенечките медиуми, ваква долготрајна суша во областа не се памети од 2012 година.