Поднесена тужба против „Mars“ поради токсини во бонбоните Skittles

145

Против американскиот прехранбен гигант „Mars“ е поднесена колективна тужба, во која се тврди дека неговите познати бонбони Skittles се „небезбедни за човечка исхрана“, бидејќи содржат „познат отров“ кој компанијата вети дека ќе го елиминира уште во 2016 година.

Во колективната тужба, која беше поднесена кон крајот на минатата недела во Окружниот суд на САД за Северната област Калифорнија, пишува дека бонбоните Skittles се небезбедни за потрошувачите поради „покачените нивоа“ на титаниум диоксид, додаток на храна, објавија западните медиуми.

Како што е наведено во тужбата, титаниум диоксидот ќе биде забранет во ЕУ следниот месец, откако европскиот регулатор за безбедност на храната го оцени како небезбеден поради неговата способност да ја менува човечката ДНК.

Понатаму се додава дека овој додаток, кој се користи и во производството на бои, лепила, пластика и материјали за покриви, може да предизвика оштетување на ДНК, мозокот и внатрешните органи, како што се лезии на црниот дроб и бубрезите, пренесува Раша тудеј.

„Рационалниот потрошувач би очекувал дека [Skittles] може безбедно да се купат и консумираат како што се рекламираат и продаваат. Сепак, овие производи не се безбедни“, се наведува во тужбата.

Во 2016 година, „Mars“ јавно вети дека ќе го исфрли титаниум диоксидот од своите производи во наредните години. Компанијата во текот на викендот соопшти дека употребата на титаниум диоксид во нејзините производи е во согласност со прописите на американската Администрација за храна и лекови (ФДА), одбивајќи да коментира за судскиот спор што е во тек.

За разлика од Европската агенција за безбедност на храната, која објави во мај 2021 година дека титаниум диоксидот „повеќе не може да се смета за безбеден како додаток на храна“, тој сè уште е легален во САД, бидејќи федералните регулативи на ФДА дозволуваат негова употреба за „боја за храна воопшто“ . Во исто време, FDA пропишува дека количината на овој додаток не смее да надминува 1,0 отсто од тежината на производот.

Во тужбата се бара неодредена отштета за измама и кршење на законите за заштита на потрошувачите во Калифорнија.