Скандинавската авиокомпанија SAS и синдикатите на пилотите објавија дека постигнале договор, ставајќи крај на двонеделниот штрајк што ја чинеше компанијата меѓу 9 и 12 милиони долари дневно.
„По 15 дена штрајк, САС и пилотските синдикати САС Скандинавија постигнаа договор. Страните се договорија за нови колективни договори за пет и пол години и компанијата SAS Скандинавија во најбрз можен рок ќе продолжи со летовите според редовниот распоред“, соопштија од SAS, по преговорите што траеја цел ден во понеделникот, а завршија утрово.
Шведското здружение на пилоти (SPF) објави дека пилотите на SAS се согласиле да потпишат нов договор со компанијата и дека штрајкот ќе биде завршен.
Речиси илјада пилоти излегоа на штрајк на 4 јули, поради намалувањето на платите што го побара менаџментот како дел од планот за реструктуирање воведен за одржување на компанијата во живот и против одлуката на компанијата да не ги вработува пилотите отпуштени за време на пандемијата на ковид-19.
Според SPF, 450 пилоти ќе бидат повторно ангажирани според новиот договор.
Минатата недела, извршниот директор на компанијата Анко ван дер Верф предупреди дека продолжениот штрајк ќе го загрози успешното спроведување на стечајната постапка на компанијата и на крајот нејзиниот опстанок.
Според проценките на компанијата, на десеттиот ден од штрајкот, прекинот на работата веќе го чинеше SAS меѓу една и 1,3 милијарди шведски круни (од 94 до 123 милиони долари), со откажување на повеќе од 2.500 летови.
Штрајкот имаше значително влијание и врз можноста за успех на планот за реструктуирање започнат во февруари, предупреди директорот.
SAS вработува речиси 7.000 луѓе, главно во три скандинавски земји (Шведска, Норвешка, Данска) и се обидува да спроведе докапитализација од една милијарда евра за да добие свежи пари.