Благ пораст на вредноста на акциите на светските берзи

68

Берзанските индекси на американските берзи благо пораснаа во средата по тридневен пад. За ова најмногу придонесе растот на енергетскиот сектор, но инвеститорите продолжуваат внимателно да пристапуваат кон тргувањето, загрижени од состанокот на централните банкари во Џексон Хол.

Dow Jones забележа пораст на вредноста од 0,18 отсто, на 32.969 поени, додека S&P 500 порасна за 0,29 отсто, на 4.140 поени, а индексот Nasdaq 0,41 отсто, на 12.431 поени.

Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите пораснаа, највисоко во енергетскиот сектор, за 1,2 отсто.

За растот најмногу придонесоа ценовната корекција на технолошките акции и подобрите квартални деловни резултати на повеќе компании, кои беа подобри од очекуваното.

Сепак, тргувањето беше проследено со доза на претпазливост, имајќи предвид дека денеска почнува конференцијата на централните банкари во Џексон Хол. Со нетрпение се очекува говорот на претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел во петок.

Инвеститорите внимателно ќе ги следат коментарите на Пауел за инфлацијата, каматните стапки и состојбата на економијата.

„Пазарот чека повеќе информации за најважните ставки, а тоа се инфлацијата и темпото со кое Банката на федерални резерви ќе ги зголеми каматните стапки“, изјави менаџерот на портфолиото на Globalt Investments, Том Мартин.

Неодамна, податоците покажаа дека инфлацијата во јули благо паднала од највисоките вредности во последните 40 години, па инвеститорите се надеваа дека Федералните резерви би можеле да бидат помалку агресивни во зголемувањето на каматните стапки во иднина.

Пораст на цените на акциите забележаа и европските берзи. Франкфуртски DAX порасна за 0,2 отсто, на 13.220 поени, а париски CAC за 0,39 отсто, на 6.386 поени.

Сепак, лондонскиот FTSE индекс падна за 0,22 отсто, на 7.471 поен.