Белгискиот премиер Александар Де Кро најави дека ќе бара на ниво на ЕУ да се ограничи растот на цените на струјата и гасот, кои достигнуваат досега незамисливи нивоа низ Европа.
„Јас бев еден од првите што кажав дека не можеме да продолжиме да го решаваме проблемот со цените со намалување на даноците, туку тие треба да се ограничат. Тоа може да се направи само заедно со другите европски земји“, изјави во неделата премиерот Де Кро, чија изјава ја пренесоа белгиските медиуми.
Тој најави дека во следните неколку недели за тоа ќе разговара со лидерите на другите земји од ЕУ, нагласувајќи дека Белгија сама ќе преземе мерки доколку тоа не е можно на европско ниво. Тој додава дека мерките на национално ниво би биле помалку ефективни од европско решение.
Премиерот не ја исклучува можноста мерките да вклучуваат оданочување на огромниот профит на енергетските компании. „Нашите компании и ние како граѓани плаќаме многу високи цени. Секако, неприфатливо е да има компании кои од ова жнеат огромни профити. Секој мора да го поднесе својот дел од товарот во овие тешки моменти“, рече Де Кро.
Чешкото претседателство со Советот на ЕУ во петокот најави дека наскоро ќе свика вонреден состанок на министрите задолжени за енергетика на кој ќе се разговара за итни мерки што може да се преземат во услови на големо поскапување на енергенсите. Чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела во петок преку Твитер најави ваква средба „што е можно поскоро“. „Ние сме во енергетска војна со Русија и тоа е штетно за целата Европска унија“, напиша тој.
Во петокот Германија и Франција објавија дека цената на струјата на големо следната година ќе биде десет пати поскапа од лани. Во Германија цените достигнаа 850 евра за мегават-час, а во Франција повеќе од илјада евра. Лани цената беше 85 евра во двете земји.