„Блумберг“: Без економски последици за Русија доколку целосно го прекине извозот на гас во Европа

120

Русија може целосно да го прекине извозот на природен гас во Европа повеќе од една година без да предизвика значителна штета на националната економија, објави Блумберг, повикувајќи се на стратези на „Капитал економикс“.

Во позадина на моменталната ситуација со цените, рускиот „платен биланс е во толку силна позиција што, доколку цената на нафтата и извозот на нафта останат на сегашното ниво, Русија би можела да го одржи извозот на гас во Европа на 20% од нормалното ниво најмалку три години“, според аналитичарите на консултантската куќа во белешката до која њујоршката агенција имала пристап.

Годишното намалување на понудата од страна на Русија може да се случи „без негативни последици за нејзината економија“, рече Лиам Пич, еден од економистите во „Капитал економикс“.

Според Пич, и покрај намалените количини, кварталната заработка на Русија од извозот на гас може да изнесува 20 милијарди долари.

– Дали Русија целосно ќе ја затвори чешмата или не ќе биде политичка одлука и должината на секој прекин ќе зависи од големината на компензацијата на приходот од нафтата – вели овој експерт.

Неколку европски лидери постојано ја обвинуваат Москва дека го користи гасот како „оружје за политички притисок“, а Кремљ ги отфрла тие обвинувања, пренесе „RT“.

Последните технички проблеми со гасоводот „Северен тек 1“, клучна рута за гас од Русија до Европа, го натераа „Газпром“ да го намали снабдувањето, што доведе до вртоглаво покачување на цените.

Следната недела се очекува да дојде уште еден голем тест за пазарот, кога енергетскиот гигант ќе го затвори протокот на гас преку Северен тек 1 на три дена за одржување на работите кои започнуваат на 31 август.