Социјалната мрежа на Трамп на работ на колапс

56

„Truth Social“, социјалната мрежа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, се соочува со финансиски проблеми, а популарноста на апликацијата е под очекувањата.

Шест месеци од дебито на новата мрежа, клонот на „Твитер“ сè уште нема стабилен и постојан извор на приход, а растот станува сомнителен.

„Digital World Acquisition“, компанијата која требаше да го купи „Truth Social“, моментално размислува и изрази страв дека правните проблеми може да доведат до пад на популарноста на мрежата. Компанијата вели дека бизнисот на оваа мрежа лесно може да се разниша доколку популарноста на Трамп опадне или ако има нови контроверзии кои го нарушуваат неговиот кредибилитет.

Поднесоците на компанијата тврдат дека Truth Social никогаш нема да постигне приходи и профитабилни операции. Во нив пишува дека компанијата мора да се ослободи од ризиците во својот бизнис и дека доколку не успее, најверојатно ќе пропадне.

Веќе има индиции дека финансиската основа на мрежата „Truth Social“ почнала да се распаѓа. Компанијата на Трамп ги суспендираше плаќањата на Wright Forge, компанија за веб хостинг која сега и должи неколку милиони долари, дознава Fox Business.

Wright Forge се смета за столб на конзервативното движење за изградба на паралелен Интернет кој е заштитен од „цензура од страна на големите технолошки гиганти“. Извршниот директор на компанијата, Мартин Авила, одби да го коментира случајот и рече дека „целосно стои зад Трамп и неговите одлуки“.

Сепак, според „Вашингтон пост“, компанијата на Трамп и „Wright Forge“ во последните неколку недели комуницирале исклучиво преку адвокати.