Доаѓа нов пакет: Еве колку ќе чини Netflix со реклами

143

Од почетокот на оваа година се шпекулира дека Netflix би можел да воведе поевтин пакет кој ќе прикажува реклами. Стриминг гигантот официјално ја потврди оваа информација во април, а најновиот извештај на Bloomberg открива колку ќе чини пакетот и како ќе изгледа имплементацијата во пракса.

Плановите на Netflix да воведе поевтин пакет следеа по веста дека стриминг гигантот почна да губи корисници за прв пат во првиот квартал од оваа година. Netflix изгуби над 200.000 корисници во споменатиот период.

До денес не се знаеше колку ќе чини поевтиниот пакет, но најновиот извештај на Блумберг сугерира дека цената на поевтиниот пакет би можела да биде меѓу 7 и 9 долари месечно.

Од Netflix велат дека целта на новиот пакет е да привлече корисници кои се подготвени да гледаат реклами во замена за помала месечна претплата.

Netflix планира да спроведува околу четири минути реклами на секој час, што е далеку помалку од конкуренцијата, велат извори запознаени со плановите на компанијата.

Стриминг гигантот ќе воведе поевтина опција во текот на последниот квартал од оваа година, додека некои делови од светот ќе мора да почекаат до почетокот на следната година за поевтин пакет.

Порталот „The Verge“ стапи во контакт со Netflix по извештајот на Bloomberg, но тие изјавија дека одлуката е „во рана фаза на одлучување“.

Новиот план доаѓа во многу турбулентно време за Netflix. По шокантниот пад на бројот на корисници на почетокот на годината, услугата забележа пад и во следниот квартал. Како одговор, услугата ги зголеми цените на претплатата во САД, трето зголемување на цената во последните неколку години.

Компанијата, исто така, се соочува со силна конкуренција од други стриминг услуги, како што се Disney Plus и HBO Max, кои исто така нудат поевтини пакети.