Владата на Република Северна Македонија работи активно и посветено во ублажување на последиците од светските кризи, вклучувајќи ја и енергетската.
Министерството за транспорт и врски е во постојана комуникација со сите надлежни институции за изнаоѓање начини и решенија за креирање најповолни услови за секој граѓанин да може брзо и без комплицирани процедури да постави фотонапонски електро-централи на објект, притоа помагајќи му и на електро-енергетскиот систем.
Бочварски на прес-конференција ја информираше јавноста дека на денешната Владина седница се поминати измените и дополнувањата на Законот за градење во врска со поедноставување на процедурата за поставување на фотонапонски електро-централи, кои ќе бидат доставени во собраниска процедура.
„Ги поедноставуваме процедурите, граѓаните ќе можат брзо и полесно да постават фотонапонски електро-централи на објекти. Денеска на владина седница ги поминавме измените и дополнувањата на Законот за градење кои се однесуваат токму на овие процедури и истите сега ќе бидат доставени до Собранието. Клучно е дека повеќе на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи кои се поставуваат на објекти, односно истите ќе треба да достават само известување до општината со основен проект и имотен лист за објектот на кој треба да бидат поставени. На овој начин домаќинствата и заедници на станари ќе можат да постават фотонапонски електроцентрали со јачина до 6 киловати, а правни лица до 40 киловати.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.
За поставување на фотонапонски електро-централи ќе бидат потребни следните документи:
- Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице
- Имотен лист за објектот на кој се поставуваат фотонапонските електро-централи
- Основен проект за поставување фотонапонска електро-централа
Основниот проект треба да содржи општ и проектен дел кој се состои од архитектонски проект и проект за електрична инсталација и опрема.
Градбите ги поставува изведувач со лиценца, кој врз основа на изјава под кривична и материјална одговорност гарантира дека истите се поставени согласно законските процедури.
Инвеститорот е должен примерок од изјава на Изведувачот да достави до единица на локалната самоуправа и до Агенција за енергетика.
Контрола врз градбата ќе вршат општински градежни инспектори.
Министерот ги повика сите пратеници проактивно да се вклучат во процесот на носење на измените на Законот за градење и час поскоро да им се помогне на граѓаните и на целата држава во надминување на енергетската криза.