Катар ќе им овозможи на навивачите да купуваат пиво, но со одредени правила

105

Катар ќе им дозволи на навивачите со билети да купат пиво на фудбалските натпревари на Светското првенство, но три часа пред почетокот и еден час по последниот судиски свиреж, но не и за време на натпреварот.

Бадвајзер, главниот спонзор на Светското првенство со ексклузивни права за продажба на пиво на турнирот, ќе служи пиво во навивачките зони околу секој стадион, но не и на трибините на стадионот или на теренот.

Светското првенство оваа година е првото што се одржува во муслиманска земја со строга контрола на алкохолот.

„Ќе има пиво кога ќе се отворат вратите, што е три часа пред почетокот на натпреварот. Секој што сака да пие пиво ќе може. А потоа кога ќе го напушти стадионот еден час по последниот судиски свиреж“, ја цитира Ројтерс изјавата на извор близок до организацијата на Светското првенство.

Покрај тоа, на Бадвајзер ќе му биде дозволено да служи пиво во дел од главната фан зона на ФИФА во центарот на Доха од 18:30 до 1 часот по полноќ секој ден на 29-дневниот турнир, кој започнува на 20 ноември, рече изворот.

На претходните светски првенства по цел ден се точеше пиво во фан зоните.

Одлуката за тоа каде и кога пивото ќе им се продава на навивачите сега е финализирана, но цената што фановите ќе ја платат за пивото сè уште се дискутира, рече изворот.

Во групната фаза на турнирот се закажани по четири натпревари секој ден, а најраниот натпревар започнува во 13 часот.

Засега не е јасно како Катар ќе го реши проблемот со продажба на пиво пред 13 часот. Велс и Иран играат во петок, 25 ноември, кога повеќето муслимани во Катар ќе се соберат во џамиите на неделната заедничка молитва.

Катар во моментов бара повеќето продавници и ресторани во земјата да бидат затворени за време на петочната молитва.

Посетителите не можат да внесат алкохол во Катар, дури и ако го купат на аеродром, а не можат да купат алкохол во единствената продавница за алкохол во земјата, на периферијата на Доха. Таму можат да пазарат само странски државјани со дозволи и тоа за домашна потрошувачка.

Посетителите можат да пијат во десетици лиценцирани хотели и клубови, каде што половина литар пиво чини 18 долари.

Бадвајзер ќе го продава своето безалкохолно пиво „Бадвајзер Зеро“ на стадионите и трибините за време на натпреварите и на други области за навивачите, додаде неименуван извор близок до организацијата на СП.