Рафтовите во продавниците се полни со непродадена роба, огромни количини во магацините

218

Глобалните логистички гиганти, вклучувајќи ги FedEx и Cathay Pacific Airways, предвидуваат мрачна божиќна сезона, очекувајќи послаби расходи за празници во услови на висока инфлација и пониска економска активност.

Нивните прогнози го одразуваат силниот притисок од зголемените трошоци за храна, гориво и домување врз граѓаните ширум светот. Уште повеќе штедливи кинески потрошувачи ги стегаат ремените пред строгите мерки за спречување на ширењето на инфекцијата со коронавирус, кои тешко ја погодија економијата, посочува Ројтерс.

Деновиве FedEx ја повлече својата деловна прогноза објавена пред само три месеци, предупредувајќи дека забавувањето на глобалната побарувачка се засили на крајот на август и ќе биде уште поизразено во последниот квартал од оваа година.

Сезоната на божиќните празници обично е многу зафатена за воздушниот товар и за шпедитерите кои ги транспортираат најновите модели на паметни телефони, играчки и облека од фабриките во Азија до САД и Европа.

Западните трговци на мало, вклучително и Costco Wholesale Group и Macy’s, признаа дека нивните полици се полни со непродадени стоки, што покажува дека тие погрешно ја процениле побарувачката и веројатно ќе бидат повнимателни во обновувањето на залихите.

„Ние правиме многу бизнис со Costco, Walmart, Target, и тие ни кажуваат категорично дека немаат простор за ништо во моментов“, рече Џонатан Читајат, шеф на Азија на Genimex Group со седиште во Шангај, кој прави широкa палета на производи од четки за чистење до опрема за вежбање.

„Во првата половина од годината купија многу стоки за да избегнат проблеми со непредвидливото снабдување од Кина, а потоа побарувачката падна, па едноставно имаат огромно количество стоки во складиште“, додаде тој.

Авиокомпанијата Cathay Pacific Airways со седиште во Хонг Конг предупреди дека овогодинешната најинтензивна сезона на карго транспорт пред празниците би можела да биде послаба од минатогодишната поради инфлацијата и строгите мерки на Кина за борба против инфекцијата со коронавирус.

Францускиот превозник CMA CGM истакнува дека слабата побарувачка ја кочи побарувачката на товари и врши притисок врз цените на превозот.

Како одраз на падот на побарувачката, трошоците за претовар со океански контејнерски брод од Азија до западниот брег на САД паднаа за речиси три четвртини од почетокот на годината, на најниско ниво од мај 2020 година, според податоците од платформата за резервации Freightos.

Во првата недела од септември, обемот на воздушниот карго падна за 11 отсто на глобално ниво во споредба со истиот период минатата година, според податоците на WorldACD Market Data, кои сè уште не покажуваат јасни знаци на закрепнување.

Baltic Air Cargo Index, врз основа на податоците за TAC, падна за речиси 40 проценти во споредба со рекордните вредности од декември минатата година, на врвот на трошењето на пандемијата.

„Цените имаат тенденција да растат во овој период од годината како што се приближува врвот на божиќната сезона, но сè уште нема индикации дека тоа ќе се случи“ повторно оваа година, објави ТАЦ Индекс во своето неделно ажурирање на податоците за товарниот пазар.