Цените на нафтата одат надоле- паднаа за повеќе од 5 отсто, на најниско ниво од јануари

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, четврти пат по ред, спуштајќи се на најниско ниво во последните осум месеци, бидејќи централните банки ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација, што може да предизвика рецесија, а со тоа и пад на побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се лизна за 5,7 отсто, на 86,15 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 7,5 отсто, на 78,75 долари.

Утрово нафтата Брент се тргува по цена од 85, 29 долари за барел , додека американската за 77,95 долари за барел.

Падот на цените на најниско ниво од средината на јануари е последица на забавувањето на растот на најголемите светски економии и зголемениот ризик од рецесија.

Поради високата инфлација, централните банки ги зголемуваат каматните стапки, што го забавува растот на економиите, а со тоа ја ослабува побарувачката за енергетски производи.

Минатата недела американските и швајцарските централни банки ги зголемија клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, а британските и норвешките централни банки за половина поен.

Трговците стравуваат дека повисоките трошоци за задолжување ќе го задушат економскиот раст и ќе предизвикаат рецесија, а нивните стравови беа поттикнати од истражувањето на S&P Global во петокот, кое покажа пад на PMI деловната активност во еврозоната во септември трет месец по ред.

„Многу е веројатна рецесија во еврозоната“, заклучи економистот на S&P Global, Крис Вилијамсон.

Како резултат на тоа, цената на нафтата падна за околу 5 отсто во петокот.