До 2026 година во светот ќе има 87,5 милиони милионери

155

Бројот на милионери во светот ќе се зголеми за 40 отсто во следните пет години, иако растот на каматните стапки и руската војна во Украина го нагризуваат имотот и приватното богатство оваа година.

До 2026 година, ќе има повеќе од 87,5 милиони луѓе со богатство од најмалку 1 милион долари, од 62,5 милиони во 2021 година, според Извештајот за глобално богатство на Credit Suisse Group за 2022 година објавен претходно оваа недела. Бројката ќе расте побрзо во економиите во развој, а Кина речиси ќе ја удвои својата популација милионери, покажуваат прогнозите.

Додека 500-те најбогати луѓе во светот изгубија кумулативно богатство од 1,4 трилиони долари во првата половина од годината, Credit Suisse гледа брзо закрепнување, особено за пазарите во развој. Швајцарската банка очекува Кина да продолжи да генерира големо богатство иако нејзината економија покажува знаци на забавување поради пандемијата на Ковид и пукнатини низ секторите, вклучително и технологијата и недвижностите.

„И покрај инфлацијата и руско-украинската војна, веруваме дека вкупното глобално богатство ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот. „Очекуваме богатството на домаќинствата во Кина да продолжи да се израмнува со Соединетите Држави, напредувајќи еквивалент на 14 американски години помеѓу 2021 и 2026 година.

Credit Suisse предвидува дека приватното богатство ќе порасне за 36 отсто, на 169 трилиони долари, до 2026 година, и дека износот по возрасен ќе порасне за 28 отсто на глобално ниво и ќе надмине 100.000 долари во 2024 година. Бројот на поединци со ултра висока нето вредност, со повеќе од 50 милиони долари ќе достигне 385 илјади.

Пазарите во развој се тешко погодени од пандемијата на ковид, а растот на богатството е забавен. Сепак, минатата година тие го вратија замавот, па Credit Suisse очекува да го намали јазот со развиениот свет во следните пет години. Богатството ќе расте за 10 отсто годишно во економиите во развој, во споредба со растот од 4,2 отсто во земјите со високи приходи.

Во 2021 година, глобалното богатство порасна за 9,8 отсто, на 463,6 трилиони долари во споредба со 2020 година, забележувајќи многу поголем раст од оној забележан на почетокот на векот. Најбогатиот еден процент поседувал 46 отсто од целокупниот имот на домаќинствата, додека најбогатите десет отсто од возрасните поседувале 82 отсто од глобалното богатство. САД имаат најголем број на поединци со ултра висока нето вредност, повеќе од 140 илјади од нив, а потоа следи Кина со 32.710.

„Постои стеснување на јазот меѓу богатите и помалку богатите земји, особено бидејќи земјите со низок и среден приход растат со побрзо темпо“, рече Ентони Шорокс, економист на Credit Suisse и автор на извештајот.