Турската економија во второто тримесечје порасна повеќе од очекуваното, односно за 4,4% во однос на истиот период минатата година, покажуваат податоците што ги објави турскиот завод за статистика. Тоа укажува на забрзување на растот во однос на претходниот квартал, кога економијата имаше раст од 2,9%.
Економијата порасна повеќе од очекуваното поради зголемување на домашната побарувачка и зголемување на јавната потрошувачка. Очекувањата беа да има раст од 3,5%, додека најоптимистичните претпоставки одеа до 4,2%.
“Ова е важен успех, и покрај сите глобални и регионални потешкотии”, изјави турскиот министер за финансии, Мехмет Шимшек.
Министерот за економија, Зафер Чаглајан, очекува развојот на странските економии да влијае врз растот на турската економија во третиот квартал.
“Не очекуваме да имаат многу големо влијание, но сигурно ќе се одразат на нашата економија во втората половина на 2013 година или на почетокот на 2014”, изјави Чаглајан.
Ова се добри вести за Турција, бидејќи лирата во неколку наврати стигна до рекордно ниски нивоа во однос на доларот, додека акциите бележеа пад, претежно поради растењето на тензиите околу потенцијалниот американски напад на Сирија.