Предупредувачките светла трепкаат во глобалната економија бидејќи високата инфлација, драстичното зголемување на каматните стапки и војната во Украина го земаат својот данок.
Моментално има 98,1 отсто шанси за глобална рецесија, според моделот на веројатност на американската истражувачка организација „Нед Дејвис Рисрч“ (НДР).
Други ситуации во кои моделот на веројатност за рецесија беше толку висок беа забележани за време на тешката економска криза во 2020 година и за време на глобалната финансиска криза од 2008 и 2009 година, пренесува CNN.
„Ова укажува дека ризикот од сериозна глобална рецесија ќе продолжи да расте некое време, односно во 2023 година“, пишуваат во извештајот економистите на НДР.
Како што централните банки ги засилуваат напорите да ја стават инфлацијата под контрола, расположението меѓу економистите и инвеститорите станува сè помрачно.
Седум од 10 економисти анкетирани од Светскиот економски форум (СЕФ) сметаат дека глобалната рецесија е барем малку веројатна, се вели во вчерашниот извештај. Економистите ги повлекоа претходните прогнози за економски раст и очекуваат платите приспособени според инфлацијата да продолжат да паѓаат до крајот на оваа и следната година.
Со зголемувањето на цените на храната и енергијата, постои загриженост дека високите трошоци за живот може да доведат до граѓански немири. Седумдесет и девет отсто од економистите анкетирани од СЕФ предвидуваат дека зголемувањето на цените ќе предизвика социјални немири во земјите со ниски приходи, во споредба со 20 отсто во економиите со високи приходи.
Инвеститорите се, исто така, сè позагрижени поради тоа што Dow Jones Industrial Average падна на мечкин пазар во понеделникот за прв пат од март 2020 година.
„Нашето централно сценарио е тешко приземјување на економијата до крајот на 2023 година. Ќе бидам многу изненаден доколку следната година немаме рецесија“, изјави американскиот милијардер и инвеститор Стенли Дркенмилер.
Дури и претставници на Федералните резерви (ФЕД) признаваат дека постои зголемен ризик од економски пад.
Сепак, има некои светли точки, особено во Соединетите држави, најголемата светска економија, додава CNN, истакнувајќи дека американскиот пазар на труд останува историски силен, со стапка на невработеност блиску до најниското ниво од 1969 година. Американските потрошувачи продолжуваат да трошат, и корпоративните профити се солидни.
Постои надеж дека најлошата инфлација во САД во последните 40 години ќе се „олади“ во наредните месеци бидејќи понудата ќе ја достигне побарувачката.
Истражувачите од НДР велат дека додека ризиците од рецесија се зголемуваат, нивниот модел за веројатноста за рецесија во САД е „сè уште на најниско ниво“.
„Немаме убедливи докази дека САД во моментов се во рецесија“, напишаа истражувачите на NDR во извештајот.











