Најлошото допрва доаѓа: Познат инвеститор потсетува на падот на Римската империја

Ова се зборовите на Карл Ајкан, претседателот на Icahn Enterprises и една од легендите на Вол Стрит.

Ајкан, пишува Бонитет, се прослави во 1980-тите со купување на помалку атрактивни компании.

Испечатија премногу пари
Оваа година Ајкан постојано предупредуваше дека американската економија и берзата се во неволја.

Инвеститорот тврди дека Федералните резерви ги доведоа цените на средствата до неодржливи нивоа во услови на пандемијата со користење на речиси нула каматни стапки и квантитативно олеснување – политика во која централните банки купуваат хартии од вредност поддржани со хипотека и државни обврзници со надеж дека ќе ги зголемат кредитите и инвестициите.

„Испечативме премногу пари и само мислевме дека забавата никогаш нема да заврши“, изјави тој за Market Watch, додавајќи дека со промената на ставот на ФЕД и зголемувањето на стапките за борба против инфлацијата, тој сега верува дека „забавата е завршена“.

Најлошото доаѓа 
„Инфлацијата е страшна работа. Не можете да ја излечите“, рече Ајкан, истакнувајќи дека зголемената инфлација е еден од клучните фактори што ја урнал Римската империја.

Рим доживеа хиперинфлација откако низа императори ја намалија содржината на сребро во неговата валута, динарот. Ситуацијата драматично се влошила откако императорот Диоклецијан вовел контрола на цените и нова монета наречена аргентеус, чија вредност била еднаква на 50 динари.

Резултатот од неодржливата политика на римските императори била стапката на инфлација од 15.000% помеѓу 200 и 300 година од нашата ера, според проценките на некои историчари, пишува Fortune.

Но, и покрај стравот на Ајкан од инфлација, инвеститорот рече дека успеал да ги надмине своите колеги со тоа што го заштитил своето портфолио за време на падот на пазарот.

Нето вредноста на Icahn Enterprises скокна за 30% или 1,5 милијарди долари во првите шест месеци од 2022 година.