Цените на нафтата се стабилизираа близу 98 долари на меѓународните пазари во понеделникот, балансирајќи ја загриженоста на инвеститорите за побарувачката поради можната рецесија и одлуката на врвните производители да пласираат помалку барели на пазарот. Сепак, пад се бележи во утринското тргување.
Барел референтна нафта „брент“ се тргува по 93,87 долари, додека нафта WTI моментално изнесува 88,69 долари за барел, покажуваат податоците на OilPrice.com.
Трговците на почетокот на неделата беа загрижени од податоците за падот на услужните активности во Кина во текот на септември, по тримесечен период на раст, бидејќи пандемиските ограничувања негативно се одразија на побарувачката и на деловната доверба, пишува SEEbiz.
Забавувањето на економијата на Кина, вториот по големина потрошувач на нафта во светот, ги поттикна стравувањата од глобална рецесија што може да биде предизвикана од зголемувањето на каматните стапки на централните банки за да се спречи високата инфлација.
Сепак, минатонеделното соопштение на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, за намалување на планираното ниво на производство од ноември за два милиони барели дневно повторно дојде до израз во попладневното тргување на понеделник.
„Одлуката на ОПЕК + ќе има поблаго влијание врз понудата на нафта на пазарот, бидејќи производството всушност ќе биде малку намалено“, забележа Fitch Ratings, потсетувајќи дека групата веќе произведува помалку од планираното.











