Федералните власти на Соединетите Американски Држави покренале истрага против американскиот милијардер Илон Маск за неговото однесување за време на преземањето на Твитер, се вели во судската пријава.
Иако во пријавата е наведено дека тој е под истрага, не е прецизирано што точно било фокусот на истрагата и кои федерални власти ја водат, пишува Ројтерс.
Твитер, кој го тужеше Маск во јули за да го принуди да го склопи договорот, рече дека адвокатите на извршниот директор на Тесла побарале „истражна привилегија“ кога одбиле да ги предадат документите што ги побарале.
Маск и компанијата Твитер во наредните денови би можеле да постигнат договор за прекин на парницата, што ќе му овозможи на најбогатиот човек на светот да ја купи компанијата за 44 милијарди долари.
Маск му предложи на Твитер, доколку компанијата го прекине спорот со него, да се согласи со условите од договорот постигнат во април – да ја купи компанијата за 54,20 долари по акција.











