Иако никој не очекува дека Банката на федерални резерви ќе може брзо да ја потисне инфлацијата, малото зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка едвај имало влијание врз растот на потрошувачките цени, наведува телевизијата Си-Ен-Ен во денешниот извештај.
„Погледот на септемвриските податоци за потрошувачките цени покажува дека сега не ни е многу подобро отколку во март, кога ФЕД започна со агресивно монетарно затегнување. Тогаш растот на потрошувачките цени беше 8,5 отсто на годишно ниво, а сега е 8,2 проценти.“ се наведува во коментарот со наслов „Фед ја губи војната против инфлацијата“.
Базичната инфлација на САД, која ги исклучува нестабилните категории на храна и енергија и генерално се смета за посигурен барометар на вкупната инфлација, достигна 6,6 отсто на годишно ниво во септември, што е највисоко ниво од 1982 година, истакна тој.
„Извештајот за инфлацијата е апсолутна катастрофа. Тој покажува дека што и да прават претставниците на ФЕД, тоа едноставно не функционира“, напиша Кристофер С. Рупки, главен економист во фирмата за истражување на финансиските пазари Fwdbonds.
ФЕД ги засили своите напори да ја истисне инфлацијата од американската економија со сите достапни средства, спроведувајќи масовни зголемувања на каматните стапки со надеж дека ќе ја намали побарувачката за стоки и услуги.
Сепак, и покрај зголемувањето на каматните стапки со невидена стапка, нема многу знаци дека цените ќе попуштат. Сепак, ФЕД е решена да го задржи курсот, сметајќи на силниот пазар на труд во САД за да го толерира притисокот од повисоките трошоци за задолжување, се додава.
Повисокиот од очекуваниот септемвриски извештај за инфлацијата е последната сериозна слика на економијата што креаторите на политиката на ФЕД ќе ја разгледаат пред нивниот следен состанок на почетокот на ноември, и недвосмислено гарантира уште едно зголемување на основната каматна стапка од 0,75 проценти.
Инвеститорите сега даваат 97 отсто шанси за четврто по ред зголемување на каматните стапки за три четвртини од процентниот поен.











