Порасна извозот на Турција на Балканот

Турскиот извоз на Балканот за девет месеци од годинава е зголемен за 24,9 отсто во однос на истиот период лани и достигна 15,7 милијарди долари.

Ова го соопшти агенцијата Анадолија, повикувајќи се на податоците на Собранието на турски извозници (ТИМ), пренесува Инвеститор.

За девет месеци од годинава е остварен извоз од 15,69 милијарди долари во балканските земји меѓу кои Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, Словенија и Грција.

Најмногу е извезено во Романија – 4,7 милијарди долари, додека најголем пораст во однос на истиот период лани има во Црна Гора.

По Романија следат Бугарија (3,4 милијарди долари), Грција (2,1), Србија (1,3) и Словенија со увоз од Турција во вредност од 1,2 милијарди долари.

Извозот на Турција во Албанија изнесува 742,8 милиони долари, потоа Босна и Херцеговина (548,1 милиони долари), Северна Македонија (488,5 милиони долари), Косово (483,1 милиони долари), Хрватска (439,1 милиони долари) и Црна Гора (118,6 милиони долари).