На светските берзи цените на нафтата значително паднаа минатата недела бидејќи трговците се загрижени поради зголемените ризици од рецесија во голем број економии, што може да предизвика слабеење на побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 6,4 отсто, на 91,63 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 7,6 отсто, на 85,60 долари.
Утрово барел нафта Брент се тргува по цена од 92,39, а американската WTI се тргува по цена од 86,27 долари за барел.
По скокот за повеќе од 10 отсто пред една недела, цените на нафтата драстично паднаа минатата недела, бидејќи трговците се загрижени за прогнозите за можна глобална рецесија што ќе значи послаба побарувачка за нафта.
Минатата недела Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди во своите есенски прогнози дека една третина од светската економија веројатно ќе забележи пад во оваа или следната година поради падот на реалниот доход и порастот на цените.
ММФ проценува дека светската економија годинава ќе порасне за 3,2 отсто, додека следната година растот би можел да забави до 2,7 отсто.
Во САД, Кина и во еврозоната активностите речиси ќе стагнираат, оценува ММФ.
Поради можна рецесија, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги намали прогнозите за раст на побарувачката на нафта оваа и следната година, по намалените проценки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
„Цените беа под притисок од значително намалените прогнози за побарувачката (на нафтата), првенствено во следната година“, велат аналитичарите на Commerzbank.
Пред околу 10 дена, ОПЕК и неговите сојузници го поттикнаа растот на цената на нафтата со тоа што одлучија да го намалат производството за два милиони барели дневно од ноември.











