Соединетите Американски Држави ќе ослободат дополнителни 15 милиони барели нафта од своите стратешки резерви во обид да ги смират цените на нафтата, а претседателот Џо Бајден не ја исклучува можноста за натамошно повлекување, изјави владин претставник.
Новото количество нафта што треба да се повлече во декември е последната транша од програмата што ја најави американскиот претседател оваа пролет, а која предвидува ослободување на вкупно 180 милиони барели за да се ублажи скокот на цените поврзан со руската инвазија на Украина.
– Претседателот побара од Министерството за енергетика да биде подготвено да продава дополнителна нафта (од резерви) оваа зима доколку е потребно, поради Русија или други дејствија што го нарушуваат пазарот – изјави американскиот функционер за новинарите.
Веста за употреба на дополнителна нафта, која ја објавија повеќе медиуми, беше доволна за да се намали цената на нафтата уште пред официјалното објавување, пренесува Политика.
Запрашан дали е можно да се ограничи или прекине извозот на нафта, владин претставник рече дека администрацијата на претседателот Бајден ги држи на маса сите опции кои би можеле да помогнат да се обезбеди снабдување на американскиот пазар.
Паралелно со тоа, американскиот претседател предвидува и воспоставување механизам за надополнување на стратешките резерви на долг рок. Американската влада повторно ќе почне да купува нафта кога цената на WTI ќе падне меѓу 67 и 72 долари.
Од септември 2021 година, Соединетите држави извлекоа повеќе од 212 милиони барели од стратешката резерва, што е најниско ниво од јуни 1984 година. Ниту еден претседател никогаш не ослободил толкави количества нафта од формирањето на резервите во 1975 година, објави Бета.
Претседателот, исто така, ги повика нафтените компании веднаш да го пренесат падот на цените на клиентите.
– Одржувањето високи цени додека трошоците паѓаат е неприфатливо – рече функционерот.
Како што се наближуваат изборите на 8 ноември, Бајден сака да го избегне поскапувањето на бензинот, што им нанесува штета на американските возачи.











